Шекеринска во Атина на работна средба со министерот за одбрана Панајотопулос

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денес ќе има работна средба со грчкиот колега, министерот за одбрана Николаос Панајотопулос. Воедно, министерката ќе присуствува на отворањето на Меѓународниот саем за вооружување DEFEA 21 кој се одржува во Атина.

За време на средбата двајцата министри ќе се осврнат на планот за билатерална соработка во одбраната за 2021 година кој опфаќа седумдесетина активности од кои дел ќе се одржат во Грција, а дел во Северна Македонија, и кој го отсликува позитивниот дух на соработката меѓу двете земји во одбраната и пошироко.

Министерката ќе оствари средба и со Хајди Грант, директорка на американската Агенција за соработка во одбраната и безбедноста, која е дел од Министерството за одбрана на САД. На состанокот се очекува да стане збор за тековните активности меѓу Северна Македонија и САД во делот на модернизацијата на нашата одбрана и набавките на опрема по принципот „влада со влада“.

Меѓународниот саем за вооружување DEFEA е настан на кој компаниите од воената индустрија ги презентираат најновите достигнувања од оваа област. На саемот ќе учествуваат голем број од клучните компании од оваа индустрија кои учествуваат во опремувањето и модернизацијата на најголем број НАТО армии.

Други вести
Skip to content