Често поставувани прашања

– Зошто е важно Северна Македонија да биде дел од Алијансата?

Со членството во НАТО, Северна Македонија исполни една од двете стратешки цели за кои се бориме три децении и стана дел од колективната безбедност на најмоќниот воено – политички сојуз. И, тоа треба да нè направи горди. Ние сме НАТО. Ние сме заедно со најразвиените и најмоќните држави во светот, држави со кои споделуваме исти вредности, исти принципи, ист поглед кон иднината. И, за нас многу важно, одлучуваме заедно и рамноправно со останатите 29 сојузници. На иста маса со сојузниците го споделуваме нашето мислење, се грижиме за нашите интереси, влијаеме на светските текови, даваме директен придонес кон глобалната безбедност.

– Дали Северна Македонија има поддршка од НАТО и сојузниците во справувањето со пандемијата на корона-вирусот?

Во годината која можеме да ја наречеме и горчлива, заради сите предизвици со кои се соочивме во поглед на глобалната здравствена криза, но и успешна, затоа што конечно после три декади достигнавме една државна стратегиска цел, на дело можевме да видиме што значи да се биде полноправен член на Алијансата. На трите од вкупно четири министерски состаноци на ниво министри за одбрана, главната тема беше секако справувањето со пандемијата на коронавирусот и мерките кои Алијансата ги превзема за поддршка на своите членки.
Пред сè, како земја членка на НАТО, Северна Македонија е дел од Системот за кризен менаџмент на Алијансата. На почетокот на пандемијата, ги користевме искуствата на НАТО во организацијата на помошта на војската на институциите, потоа голем дел од сојузниците испратија медицинска опрема која се транспортираше со помош на НАТО, а на крајот на октомври 2020 година, преку Евроатлантскиот центар за одговор на кризи добивме помош во 60 транспортни респиратори во вредност од 1,4 милиони евра. Норвешка донираше 13.500 брзи тестови. Директна помош за справување со КОВИД добивме од Обединетото Кралство, Бугарија, Полска, Турција, а министерството за здравство беше помогнато со донации од Словенија, Унгарија, САД, Германија. Овие вистински акти на пријателство покажуваат дека сојузничките врски се длабоки и искрени.

Следната есен Северна Македонија е домаќин на вежба со над 2.000 учесници на НАТО центарот за одговор на кризи, за подобра координација во справувањето со кризи, и тоа е значењето на начелото – НАТО обединува. Во ниту една неволја повеќе не сме сами, ниту еден следен предизвик нема да не затекне неспремни.

– Кои се главните придобивки од членството на Северна Македонија во НАТО?

НАТО заштитува, обединува и зацврстувa. Членството во Алијансата значи безбедност, а без безбедност, нема просперитет. Северна Македонија стана членка во услови на глобална пандемија која беше и е закана за светската економија и тоа не нè одминува ниту нас. Но, факт е дека безбедноста носи подобра економија, повеќе инвестиции, а со тоа и подобар живот за граѓаните.
Безбедноста носи предвидливост која ќе ги охрабри инвеститорите и дома и од странство дека вложувањето во нашата земја е сигурно.
„Дури и пред формалното членство, од моментот кога ја добивме поканата, сите кредитори, особено кредитните агенции кои што ги проценуваат нашите ризици, излегоа со иста реченица – членството во НАТО ќе се случи, а тоа значи поголема политичка стабилност и поголема стабилност на фирмите и на финансискиот систем. Тоа влијае на намалени каматни стапки и на поголем капитал кој што е на располагање не само за државата, туку и за економијата. Тоа веќе го почувствувавме, дури и во време на ковид-кризата, државата можеше да обезбеди пари и преку ЕУ обврзница и преку нашите стандардни кредитори – финансиските институции“, рече во неодамнешното интервју министерката Шекеринска.

Еден од извештаите на Светската банка за нашата економија во периодот на кризата со корона-вирусот предвиди пад на БДП од 3-4 %, но и истовремено раст на БДП во 2021 година, а еден од аргументите беше токму членството во Алијансата.
Дополнително, полноправното членство во НАТО ги охрабрува и домашните инвеститори и странските инвеститори дека ова е држава во која капиталот е сигурен.
Факт е дека интересот на одредени странски компании да инвестираат расте. Ако се анализираат бројките ќе се види дека Северна Македонија успеа да го задржи нивото на инвестирање кое некои држави комплетно го изгубија во период на пандемијата.
Огромна придобивка е и фактот дека наши компании од денот на членство можат да конкурираат на секој од НАТО тендерите кои што, на пример, се однесуваат на снабдување на КФОР во Косово..

– Дали македонски компании ќе можат да учествуваат на НАТО – пазарот?

Со членството во НАТО се отвора НАТО пазарот за нашите компании. Нашата држава има пристап до НАТО фондовите, како и можност домашните компании да учествуваат на јавните набавки на НАТО, кои во 2019 година изнесувале над 5.2 милијарди евра.
Тоа е и шанса за нашата бизнис – заедница и нашите компании да учествуваат во големиот ланец на набавки и снабдување со производи за потребите на Алијансата. Министерката Шекеринска на прес – конференцијата по повод започнувањето на вториот мандат како министерка за одбрана најави, а истото е дел и од програмата на Владата, дека во Министерството ќе се воспостави Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО пазарот.
Процесот е започнат. За нас е важно овој Центар да биде мала, ефикасна, агилна структура во која ќе работат неколкумина вистински професионалци, кои ќе им даваат насока и ќе им бидат поддршка на компаниите до овој голем пазар, што сериозно може да влијае на развојот на македонската економија. Центарот за поддршка на локални компании ќе влезе во структурата на Министерството за одбрана. Центарот ќе им помага на домашните компании да добијат информации за бизнис можностите со НАТО, за методите и процедурите за учество на НАТО тендери, но и за поголем економски развој на државата. Во план се консултации на билатерална основа со земјите членки на НАТО од регионот за размена на позитивни искуства и најдобри практики.

Она што нè води е – колку повеќе шанси за македонски компании, толку подобра економија.

– Дали Северна Македонија како полноправна членка е целосно интегрирана во структурите на Алијансата?

Ни претстои заокружување на процесот на целосна интеграција во НАТО до ноември 2021, што е амбициозен рок, но ќе го постигнеме.
За целосно да се интегрираме во НАТО, ние изработивме национален План со активности во неколку области: (администрација, опремување и модернизација, структура на сили, едукација, обука вежби и евалуација, логистика и медицина, интеграција на националниот систем за воздушно набљудување со системот на НАТО, Комуникациски – информациски системи и сајбер одбрана) и во изминатата година напорно работевме на нивно исполнување.
Кон крајот на 2020 година, одржавме заедничка Конференција со НАТО на која се разгледуваше напредокот. Заеднички став е дека, и покрај предизвиците од КОВИД19, процесот на интеграција тече согласно првично планираните рокови и дека ќе достигнеме целосна воена интеграција во НАТО до октомври 2021 година, како што беше првично планирано.
Еден пример дека процесот на интеграција е во тек е и фактот дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка со НАТО на полето на сајбер одбраната, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад.

– Како Северна Македонија ќе придонесе кон колективната безбедност на Алијансата?

Кога велиме клучната придобивка од НАТО е безбедноста и сојузништвото, зборуваме за придонесот на сите земји членки меѓу кои Северна Македонија. Ние и реално, даваме свој несомнен придонес кон системот на колективна безбедност, кој е столбот на Алијансата. Со тоа покажуваме дека мотото „еден за сите и сите за еден“ го поддржуваме и со наши домашни капацитети.

Еден таков капацитет е секако армискиот полигон „Криволак“ каде веќе е зголемен маневарскиот простор. Пробиени се нови 33 километри пат од страната на Штип, обновени 17 километри постоечки патишта и оформена е обиколница околу целиот полигон. И сето тоа го реализираме со сопствени сили, со новите машини на Инженерискиот баталјон кои беа набавени минатата година, после 16 години никакво вложување во оваа единица. На тој начин направивме и рационализација на средствата – за целиот проект ќе потрошиме десет пати помалку од проценките колку ќе потрошевме доколку користевме надворешни компании. Планирано е обновата на патната инфраструктура да заврши до следната година пред почетокот на вежбата „Одлучен удар 21“, во мај 2021, каде се очекува да земат учество околу 2.000 војници од Армијата на Република Северна Македонија, од Армијата на САД, Бугарија и Грција. Тоа е полигонот каде што започна колективната обука нашата НАТО декларирана единица – Лесната пешадиска баталјонска група, заедно со тим од Обединетото Кралство, но каде што се обучуваат и сите други единици од Армијата и тоа е полигон со чиј што развој очекуваме да се зголеми и бројот на билатерални и на НАТО обуки.Со овие инвестиции, со опремувањето во полигонот ќе се створат многу подобри услови за обука за нашите припадници, но и подобри услови за обука заедно со други сојузнички армии. Развојот на Криволак ќе ни даде шанса не само да придонесеме во НАТО обуките туку и да имаме бенефити за нашата економија и за нашиот буџет. „Криволак“ како што рече министерката Шекеринска неодамна е „нашата лична карта“, нашиот капацитет кој во голема мера ќе ја помогне безбедноста, ќе помогне да ја развиеме интероперабилноста и увежбаноста во реални услови.

Вториот капацитет со кој ќе дадеме свој придонес е нашиот Регионален центар за односи со јавност. Работиме на нов концепт на овој центар кој ќе одговори на современите безбедносни предизвици. Во идниот период фокусот на РЦОЈ ќе биде ставен на палета на активности за справување со дезинформации и лажни вести бидејќи за нас, но и за Алијансата дезинформациите се прашање кое претставува безбедносен ризик и затоа мораме да имаме капацитети за соодветен, брз, точен и навремен одговор.

Нашиот војнички придонес е фокусиран на нашата НАТО декларирана единица – Лесната пешадиска борбена група, чии припадници до крајот на 2020 година реализираа колективна обука на „Криволак“ заедно со менторски тим од Обединетото Кралство. Токму оваа единица е нашиот приоритет и во доменот на екипирањето, обучувањето, и во опремувањето. Во оваа и слични на неа обуки може да се види уште една придобивка од членството – Северна Македонија, сега како сојузник, многу полесно добива секаков тип на поддршка во развој на сопствените сили од сојузниците во Алијансата.

– Во кои мисии на Алијансата (но и на ЕУ и ООН) учествуваат мировниците од Армијата на Република Северна Македонија?

Кога зборуваме за нашиот придонес кон НАТО, мислиме и на нашето веќе долгогодишно учество во мисијата на Алијансата во Авганистан, прво во операцијата ИСАФ, а денеска и во „Одлучна поддршка“.

Впрочем, нашата Армија е заедно со сојузниците во Авганистан од 2002 година, а во еден период нашата земја беше и четврта земја придонесувач во оваа мисија, според бројот на жители. Тоа е вистинскиот приказ за нашата посветеност кон Алијансата, и кон сето она за што таа се залага – безбедност, мир, просперитет на глобално ниво.

Денеска, учеството на нашите припадници опфаќа поголем број на мисии – остануваме во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, каде го почитуваме принципот „заедно внатре, заедно надвор“, за прв пат со свои војници придонесуваме во силите КФОР на Косово, со што ја покажуваме и нашата вистинска улога како столб на мирот и стабилноста во регионот, а со свои припадници учествуваме и во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, и во мисијата на Унијата во Централноафриканската Република, што е едно ново искуство за нас. Секако, продолжуваме со свои припадници да бидеме дел и од мисијата УНИФИЛ во Либан, под капата на Обединетите Нации.

Во наредниот период ќе работиме на постапно намалување на бројот на војниците ангажирани за обезбедување на НАТО штабот во Авганистан, но нашето присуство во оваа мисија „Одлучна поддршка“ ќе добие нова димензија и нов квалитет преку распоредувањето на хируршки тим во рамките на норвешкиот медицински контингент и тоа од март до септември 2021 година.

Многу е важно што денеска Северна Македонија го покажа и своето вистинско место во регионот, како земја која ја превзема одговорноста за стабилноста и безбедноста и на непосредното опкружување. Од неодамна, 44 наши војници се дел од мисијата на Алијансата на Косово, КФОР, каде придонесуваме со штабни офицери во главната команда во Приштина и со војници кои ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад. Дополнително, за 2021 година планираме зголемување на придонесот во мисијата КФОР.

Со учеството во сите овие мисии ја покажуваме нашата вредност и нашата определба да учествуваме во разработката и реализацијата на политиките на НАТО, но и да ги следиме политиките на Европската Унија која е нашата следна цел и кон која природно припаѓаме.

– Колку состаноци на Северноатлантскиот совет на НАТО и на Воениот комитет на НАТО се одржаа во 2020 година и на кое ниво?

Годинава е посебна по многу нешта. Рестрикциите со кои се соочивме, а и сè уште се соочуваме значеа дека живееме и функционираме поинаку од што го сметавме за нормално. Но ниту во еден момент заеднички, колективно, во НАТО не дозволивме тоа да влијае на безбедноста на евро-атлантската област. И покрај предизвикот со кој се соочуваме, НАТО – земјите остануваат безбедни и мирни.
Процесот на донесување одлуки во НАТО се заснова на консензус, што значи дека секоја одлука на НАТО е израз на заедничката волја на сите 30 земји–членки.
Највисоко одлучувачко тело во НАТО е Северноатлантскиот совет (САС) со кој претседава генералниот секретар. САС се состанува три пати годишно на ниво на министри за одбрана и два пати на ниво на министри за надворешни работи. Оваа година во насока на координација на заедничките активности за одговор на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД–19, министрите за одбрана се сретнаа и на дополнителен вонреден состанок. Вкупно, Министерката за одбрана учествуваше на четири, а министерот за надворешни работи на два состаноци на САС. Се разбира, откако изби пандемијата, преку заштитена видео конференциска врска со НАТО воспоставена во Министерството за одбрана. Пандемијата можеби го смени начинот, но во никој случај не влијаеше на континуираниот контакт и на координацијата со Алијансата и сојузниците. Напротив, овие активности течеа без застој, на секое ниво и во секоја област на одбраната

Највисоко воено тело во НАТО е Воениот Комитет кој го советува Северноатлантскиот совет за воени прашања. Воениот комитет, се состанува три пати годишно во сесија началници на Генералштаб. Оваа година се одржаа сите три предвидени состаноци на кои учествуваше началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија. Како членка, прв пат нашиот глас беше важен. На пример, во изборот на новиот шеф на Воениот Комитет. Тоа создава повеќе шанси за водење одбранбена и надворешна политика и создавање на поблиски врски и заемни интереси со важни земји.
И пред Република Северна Македонија да стане членка на НАТО, нашите претставници учествуваа на состаноци по овој редослед кои беа отворени за партнерите, но без право на глас. Она што суштински се смени е дека сега Северна Македонија учествува во одлучувањето.
Оваа година ги одржавме првите мултилатерални разговори меѓу Република Северна Македонија и НАТО, како први разговори од овој формат кои нашата држава ги одржа како полноправна членка на Алијансата во рамките на НАТО процесот на одбранбено планирање, како и годишната конференција за интеграција на Република Северна Македонија во структурите на одбраната во НАТО. Тоа покажува дека нашата интеграција во сите структури на Алијансата, која започна по полноправното членство се одвива со непречена динамика, и покрај сите предизвици со кои се соочуваме на глобално ниво.

– Дали Армијата на Република Северна Македонија ги исполнува сите стандарди и критериуми на Алијансата?

Министерството за одбрана особено во последните нешто повеќе од четири години активно и континуирано вложува во Армијата и во нејзините припадници, зашто сметаме дека без мотивирани војници, не можеме да одиме напред. Во минатото беа направени структурни проблеми кои бараа системски решенија, кои беа и приоритет за министерката Шекеринска. А фактите можат најдобро да покажат дека зборовите се преточени во дела.
Успеавме да направиме реален и вистински голем чекор напред кога станува збор за стандардот на сите припадници на Армијата. Кога ќе споредиме дека примањата на еден професионален војник пред 2017 година беа околу 20.000 денари, а сега со двете покачувања на платите од вкупно 16 проценти и доделувањето на надоместокот за закупнина од околу 8.000 денари, месечните примања се над 30.000 денари и навистина треба можеме да потврдиме дека во делот на платите е направен вистински исчекор напред. Тоа се над 50 проценти повеќе средства за семејствата на нашите припадници на Армијата!
Но, посветеноста на стандардот на припаднците не се однесува само на нивните покачени плати. На тоа се надоврзуваат сите оние придобивки кои претходно или не постоеле или не биле почитувани. Прв пат сите припадници добија бенефициран стаж. Се обезбедија повисоки надоместоци за пилотите, воздухопловниот кадар, докторите, критичните специјалности. Дополнително, се обезбеди исплата на јубилејната награда, се воведоа најдобри услови за пензионирање со десетте најдобри години…

Војничката професија стана професија која е посакувана, а тоа може едноставно да се види и преку интересот за прием на професионални војници во Армијата. Навистина говори многу фактот дека на последниот конкурс за прием на 200 професионални војници се пријавија околу 1.800 кандидати, што е одличен успех. Тоа гарантира компетитивност за секое едно работно место, што, пак, гарантира квалитет. Истото беше случај и на претходниот конкурс за 70 професионални војници кога се пријавија 700 кандидати. Ако тоа го споредиме со, на пример конкурсот пред три години кога за 125 професионални војници собра се пријавија 200 кандидати, станува јасно колку многу се направило за стандардот на војниците и колку многу војничката професија станала интересна за младите.

– Кои се приоритетите во подобрувањето на условите за војниците?

Кога зборуваме за условите за војниците, можеме да зборуваме за повеќе елементи – за подобрувањето на условите за работа, за обновувањето на личната опрема на војниците, за модернизацијата на вооружувањето.
Со буџетот од оваа година предвидени беа над три пати повеќе средства за реконструкција на објекти и инфраструктура во Армијата. Секако дека пандемијата е огромен предизвик во реализацијата на нашите планови, но факт е дека проектите за реконструкција се движат напред. Командата на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG е сместена во комплетно реновиран објект во касарната „Боро Менков“ во Куманово, објект кој беше целосно руиниран. Објект кој денеска е вистински приказ за една Армија и една држава членка на Алијансата. Истото го правиме и за нашите војници. Баталјонот за почести, популарната гарда, ренџерскиот баталјон, баталјонот за врски и третиот логистички баталјон ќе бидат сместени во две комплетно реновирани згради во касарната „Илинден“. Овие објекти кои беа навистина оставени на забот на времето се реновираат во згради кои се достојни за нашите војници. Згради со нова електрична, водоводна инсталација и инсталација за греење, со заменети подови, прозорци и врати, со нова енергетско – ефикасна фасада, нова кровната конструкција.
Во однос на личната опрема – обезбедивме нови униформи и чизми одеднаш, што не се случило ниту еднаш во историјата на нашата Армија.

Започнавме и со еден сеопфатен процес на модернизација на опремата. Освен набавката на нови инженериски машини, минатата година согласно принципот на договор Влада со Влада, потпишан е првиот договор со Владата на САД, за набавка на лесни клопни борбени возила, два типа – Oshkosh JLTV и Stryker кои целосно ќе го сменат ликот на нашата Армија. Во период од четири до шест години ќе бидат набавени вкупно 151 возило, а пристигнувањето на првите возила наменети за Лесната пешадиска баталјонска група се планира за 2022 година. Се обезбеди алпинистричка опрема за Армијата и во тек е набавка на нова опрема за лична заштита на сите припадници на Лесната пешадиска баталјонска група, а продолжуваат и проектите за сајбер и против – воздушна одбрана.

– Колку во македонското општество се инкорпорирани вредностите на Алијансата?

Вредностите на сите земји – членки на НАТО се јасни – демократија, слобода и владеење на правото, и почитување на јавната дебата во демократските општества на сојузниците. Во последните 3 години имаме силен пробив по овие вредности во општеството, и затоа министерката Шекеринска во повеќе наврати потенцира дека членството во НАТО не го добивме како подарок само поради решениот спор со Грција, туку го одработивме со реформи и резултати.

Признанија за пробивот по овие вредности доаѓаат во текот на целата година, преку домашни и меѓународни истражувања, кои го покажуваат местото на Северна Македонија и пред одредени членки на НАТО и на ЕУ.

Годинава Министерството за одбрана ја доби највисоката оцена за транспарентност од Центарот за граѓански комуникации – прво место меѓу сите институции на државно и локално ниво. Тоа е неверојатен скок за само 3 години – прескокнавме 45 места. Следеа уште две потврди на ваквиот пробив во транспарентноста и доброто владеење – меѓународната потврда од Транспаренси Интернешанал за второ место во ЦЕИ за интегритет во работењето, што не` препознава како подобри од 4 земји членки на ЕУ и 6 земји членки на НАТО, и пред неколку дена потврдата од Метаморфозис и ACTION SEE – тука со 72,47% како министерство сме на второ место во оценката за добро владеење и отвореност на институцијата, а на ниво на цела држава Северна Македонија е на прво место во регионот, оценета како земја со најотворена извршна власт пред Црна Гора, Србија и БиХ.

Денеска не постои разлика во вредностите на граѓаните на ниту еден сојузник, со вредностите за македонските граѓани, на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и сите останати. Северна Македонија е земја на сите и земја во која се почитуваат сите. Тоа се рефлектира и во рамките на Армијата. Пример, секако, е интересот за влегување во одбранбениот систем, кој е подеднакво голем кај сите етнички заедници. На последниот конкурс околу 500-тини Албанци пријавиле интерес да бидат професионални војници во Армијата. Тоа е така и затоа што како и Македонците и останатите етнички заедници, тие оваа Армија за сметаат за своја.

Северна Македонија е една од водечките земји во имплементацијата на Резолуцијата 1325 на Обединетите Нации, која е основа и за земјите – членки на НАТО, на полето на родовата еднаквост и родовата перспектива. Тоа е исклучителна вредност на современите демократии кои знаат дека со целосно, инклузивно вклучување на жените во одбраната, не само како бројка, туку и во процесот на работење, на одлучување и раководење, ние добиваме уште еден голем капацитет.

Затоа, можеме да бидеме и јасни и гласни кога ќе речеме дека нашата земја целосно, без исклучок, ги живее вредностите кои се во темелот на Алијансата. Впрочем, токму затоа членството во НАТО, исто како и членството во Унијата се наши стратегиски цели. Таму е нашето место.

-На кои проекти во доменот на сајбер безбедноста се работеше во 2020, кои се приоритетите во оваа област годинава?

Сајбер – безбедноста е област која ја сфаќаме многу сериозно и која е еден од нашите приоритети и во 2020, но и во 2021 година. Сајбер заканите за безбедноста на Алијансата стануваат сè почести, покомплексни, подеструктивни и посилни. Оваа тенденција е присутна и за време на пандемијата. НАТО во континуитет се прилагодува на развојот на настаните и презема мерки за одбрана на своите мрежи и операции против растечката софистицираност на сајбер заканите и нападите со кои се соочува. Во овој дел се интензивира и соработката со ЕУ.
Северна Македонија како нова членка во континуитет работи на зајакнување на националните капацитети за справување со сајбер напади, а во овие напори ни помага и НАТО. Изработена е и усвоена стратегија за сајбер безбедност и во тек е постапка за потпишување на Меморандум за соработка со НАТО на полето на сајбер одбраната, што овозможува координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад.

Во 2021 година, буџетот за одбраната најјасно покажува дека сајбер – безбедноста е еден од приоритетите. Со зголемување од 38 проценти за опрема и модернизација во споредба со буџетот за 2020 година, ќе работиме на опремување и модернизација на Армијата, а дел од тие процеси е и набавката на информатичка опрема, опрема за крипто-заштита и сајбер одбрана. Тоа не е само декларативна поддршка на овие заложби, туку реален чекор за воспоставување на систем за сајбер – заштита кој е соодветен за НАТО земја.
Во периодот 27.01.- 07.08.2020 година Воената академија, во соработка со NATO школото од Оберамергау (NSO) и Морнаричкото школо за последипломски студии (NPS) од Монтереј, организираа 2 (две) напредни десетнеделни NATO обуки за „Мрежна безбедност” и „Проценка на ранливост на мрежи и намалување на ризици”. Спонзорство за овие обуки беше обезбедено од NATO SPS (Наука за мир и безбедност) програмата и Министерството за одбрана.
На двете обуки учество земаа повеќе од 30 слушатели од 7 различни институции (МО/АРСМ, МВР, МИОА, МНР, МКД-ЦИРТ, АНБ, ДБКИ). Слушателите за време на обуките се стекнаа со меѓународно признати сертификати од NATO школото од Оберамергау, како и CEH (Certificate Ethical Hacker) сертификат од EC-Council.

– Дали со членството во НАТО ќе се намали бројот на лица со НАТО безбедносен сертификат, што се случувало и во други земји кога пристапувале во Алијансата?

Сите функционери, но и сите вработени чии работни обврски подразбираат работа со НАТО класифицирани информации треба да поседуваат НАТО безбедносен сертификат. Како земја партнер Северна Македонија и порано разменуваше класифицирани информации со НАТО и одреден број функционери и вработени и порано имаа пристап до НАТО сетификати, но само до определен степен на тајност.
По зачленувањето, во соработка со НАТО, започна процес на безбедносна проверка на вработените за кои е проценето дека во склоп на своите работни обврски имаат допир со НАТО класифицирани информации. Проверката се врши по НАТО стандарди и овој процес во јавноста е познат како ре-ветинг.
Вообичаено безбедносните проверки се долги, и од оваа перспектива не може да со сигурност да се предвиди кога овој процес би завршил, но точно е дека се очекува намалување на бројот на лица кои ќе имаат пристап до класифицирани информации.
Со буџетот за 2020 година, ние комплетиравме уште еден важен проект во Министерството –Пристапната точка за НАТО класифицирани информации, со што уште пред полноправното членство исполнивме уште еден важен критериум на Алијансата.

– Дали Северна Македонија ќе успее да го исполни барањето – одбранбениот буџет во 2024 година да изнесува 2 проценти од бруто-домашниот производ?

Буџетот на одбраната е, всушност, основата на сите процеси. Без средства не можеме да реализираме ниту еден проект. И, не е само висината на средствата она што покажува дали ќе имаме развој или не, туку и начинот на кој ние ги трошиме тие средства. За нас е важно парите на граѓаните, вистински да влијаат на развојот на одбраната.
На Самитот на НАТО во Велс, сојузниците се договорија да ги зголемат трошоците во одбрана, односно националните буџети да достигнат 2% од бруто домашниот производ до 2024.
Нашиот одбранбен буџет, трета по ред година расте, со што се движиме кон посакуваните 2%. Во 2021 буџетот за одбрана ќе достигне 1,57 отсто од БДП, односно над 11 милијарди денари. Годинава за првпат целосно ја исполнуваме и втората обврска која што произлезе од Самитот во Велс – а тоа е повеќе од 20% од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација“
Со овие средства кои се 38 проценти повеќе од одвоените во буџетот за 2020 година за опрема и модернизација, добиваме ново подмладување на Армијата, подобрување на стандардот на армиските припадници, квалитетна логистичка поддршка, реконструкција на армиските објекти, подобри услови на нашиот најголем полигон и Криволак и стабилно финансирање на Армија која е дел од Алијансата.
Овие средства, како што истакна и министерката на прес конференцијата на која го образложи буџетот за 2021, пред сè се средства за нашата Армија, за нашата држава, за нашите граѓани и за нивната и наша заедничка безбедност.
„Со предложениот буџет за 2021 година во одбраната за нови 0,2 проценти од БДП, со издвојувањето на 25% за модернизација, покажавме дека на нашиот збор може да му се верува. Дека продолжуваме со исполнување на обврските како и во периодот кога чекавме на членство во НАТО. Тоа не го правиме, сета оваа инвестиција, вложување во луѓе и во опрема, не го правиме само за НАТО туку пред се го правиме за својата држава, за нашите граѓани и за нивната и наша заедничка безбедност. Добра држава значи и добра Армија, а во добра Армија треба да се инвестира. Она што го покажавме минатите години, ќе продолжиме да го правиме и во 2021. Да инвестираме таму каде што резултатите веќе се гледаат” рече министерката.

А, паралелно со тој процес, за нас е исклучително важно и граѓаните да знаат каде се трошат нивните пари, за што обезбедивме целосна, максимална транспарентност, која е увидена и преку домашните мерења за транспарентност на институциите, но и преку меѓународни мерења.

Skip to content