Доброволно служење на воен рок

И Н Ф О Р М А Ц И Ј А
за начинот и постапката за доброволно служење на воен рок во Армијата

Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

во продолжение можете да се информирате за начинот и постапката за доброволно служење на воениот рок во Армијата.

Согласно член 62 од Законот за одбрана („Службен весник на РМ“ број 185 од 30.12.2011 година) сите граѓани на Република Северна Македонија кои ги исполнуваат условите за воена служба можат доброволно да се упатат на служење воен рок по наполнување на 18 години, но не подоцна од наполнети 26 години.

За доброволно служење воен рок во Армијата се поднесува барање и тоа право го има секој државјанин на Република Северна Македонија од машки и женски пол и за поднесување на истото нема определен рок.

НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ И ПОСТАПКА

Барањето за доброволно служење на воен рок во Армијата се поднесува лично од страна на граѓанинот до Министерството за одбрана – Одделението за одбрана во местото на живеалиште односно престојувалиште на граѓанинот, односно каде се води во воената евиденција. (Одделенија за одбрана за региони – градови и општини во Република Северна Македонија).

Образецот од Барањето за доброволно служење на воен рок во Армијата може да се преземе тука, како и на шалтерите во Одделенијата за одбрана во Република Северна Македонија.

По приемот на барањата за доброволно служење на воен рок, Одделенијата за одбрана во Република Северна Македонија формираат евиденција, по што се организира спроведување на лекарски прегледи и психолошки испитувања.

Одделенијата за одбрана во Република Северна Македонија по добивањето планот и списоците со одредени термини за извршување на лекарските прегледи и психолошките испитувања ги известуваат, односно повикуваат граѓаните кои веќе поднеле барање.

Лекарските прегледи и психолошките испитувања се извршуваат во Воено медицинскиот центар во Скопје и вообичаено траат до 2 дена.

По завршувањето на лекарските прегледи и психолошките испитувања граѓаните кои од страна на Военолекарската комисија на Министерството за одбрана се оценети со оценката „исполнува критериум за воена служба“ веќе се кандидати за доброволно служење воен рок и истите се планираат да бидат упатени на доброволно служење на воен рок во Армијата.

Упатувањето на доброволно служење на воен рок во Армијата се врши врз основа на прикажани потреби на Армијата и во случај на надминување на потребниот број во одреден упатен рок, тогаш се применува принципот на редослед на пријавување, а останатите граѓани ќе се планираат да бидат упатени во наредниот упатен рок.

Доброволното служење на воен рок во Армијата се врши во три упатни рокови: февруари, јуни и октомври, во една календарска година, во времетраење од 3 месеци и се служи во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес.

Согласно членот 7 од Правилникот за времето и начинот на упатување на граѓаните на отслужување на воениот рок и постапката за прекин на служењето на воениот рок и отпуштање на војниците од Армијата („Службен весник на РМ“ бр.44/2007), кандидатот може да се откаже од служењето на воениот рок, од денот на поднесувањето на барањето до денот на приемот на поканата за упатување на служење на воен рок.

Кандидатот на кој му е врачена поканата за упатување на служење на воен рок, може да се откаже од служењето, најдоцна 10 дена од денот на приемот на поканата.

Кандидатот може да се откаже од служењето на воениот рок со поднесување на лична изјава за откажување.

КОНТАКТ ЗА ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРАШАЊА

Се информираат граѓаните на Република Северна Македонија за целосни и навремени информации и одговори на прашања во врска со начинот и постапката за доброволно служење на воен рок во Армијата може и треба да ги добијат во Одделенијата за одбрана во Република Северна Македонија во местото на живеење и на телефонскиот број:02/328-2535.

Со почит,

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА

ОБРАСЦИ

Барање за доброволно служење воен рок во Армијата на Република Северна Македонија

Барање за издавање уверение за регулирана воена обврска

Барање за одложување доброволно служење воен рок во Армијата на Република Северна Македонија

Skip to content